Трамп наложи построг визен режим
Американскиот претседател Доналд Трамп наложи построги барања за добивање на визи за странски студенти и работници. Од овие мерки ќе бидат изземени само државите што имаат безвизен режим со САД, што значи построгиот визен режим ќе важи и за македонските државјани.

Од почетокот на април, Соединетите Американски Држави воведоа заострен визен режим, особено за студенти и работници со квалификации што се барани во американски компании. Американскиот претседател Доналд Трамп испратил инструкции до Стејт Департментот со кои се поништуваат одлуките на Обама за визи издадени за студиски престој и работници од странство што добиваат работна виза од 6 години. За овие видови на виза се воведени построги барања. Компјутерските експерти од Индија ќе бидат најпогодени со овие мерки. Построгиот визен режим нема да важи само за 38 држави од ЕУ, Австралија, Нов Зеланд, Јапонија, Јужна Кореја, што имаат безвизен режим со САД. Со зголемените мерки на американската јужна граница, намален е и бројот на илегални влегувања за 70 проценти.
„За безбедноста на границата потребни се три фактори, луѓе, технологија и инфраструктура. Овој нов буџет почнува да ги обезбедува сите три работи. Ќе ни помогне да изградиме ѕид на јужната граница, да имаме повеќе летала во воздух и да инсталираме повеќе технологија што ќе ни помогне да ги запреме илегалните активностите што поминуваат преку нашите граници. Се движиме на вистинскиот пат за побезбедни Соединетите Американски Држави“, изјави Џон Кели, секретар во департментот за домашна безбедност.
Буџетот на Департментот за домашна безбедност за идната година ќе има најголемо зголемување во последнава деценија. Забраната за влез на државјани од 7 блискоисточни држави придонесе за намален влез на луѓе од држави кадешто има терористички организации.
Во првите два месеца од 2017-та, од САД се депортирани над 35 илјади илегални имигранти, главно со криминално досие.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
