Уставен суд: Нема постапка за мандатот на градоначалниците

10.05.2017 13:52

Уставните судии едногласно решија дека судот не е надлежен да одлучува за правни ситуации кои не постојат. Според судијата известител, Елена Гошева тоа е во исклучива надлежност на Собранието.

Уставните судии не поведоа постапка за оценување на уставноста на иницијативите на Министерството за локална самоуправа, за продолжување на мандатот на градоначалниците. Тие беа едногласни дека судот не е надлежен да одлучува за правни ситуации кои не постојат, бидејќи, според судијата известител Елена Гошева, Уставниот суд не може да креира нова правна состојба кога тоа не го направил законодаваецот. Според Гошева, тоа е во исклучива надлежност на закондавецот, односно на Собранието.

„Уставниот суд ја цени содржината на одредбите, а не тоа што го нема. Неприфатливо е во Законот да не е утврден механизам како да се постапи во случај да не можат да се распишат избори со што би дошло до закочување на работата на локалната самоуправа. Ние утврдивме дека законодавецот има уставно овластување да го уредува ова прашање. Само тој има уставно овластување и тоа е негово право“, рече Гошева.

Мандатот на градоначалниците и советниците истекува на 15-ти мај.

Заедницата на единици на локалната самоуправа (ЗЕЛС) веќе апелираше и сугерираше Парламентот на Република Македонија, итно и без одлагање, а најдоцна до петок, оваа недела, да изнајде решение за мандатите на градоначалниците и општинските Совети. Во спротивно, како што рекоа од ЗЕЛС, со прекинување на мандатот на 15-ти мај, локалната самоуправа нема да може да ги извршува своите законски обврски и клучните надлежности. 

Toa ќе значи дека нема да земаат плата околу 5.000 вработени во локалната самоуправа како и близу 10 илјади вработени во јавните општински претпријатија, нема да може да се менаџира со општинското градежно земјиште, а ќе биде оневозможено и склопувањето бракови.

Фиљана Кока