Трамп го смени директорот на ФБИ, Џејмс Коми
Белата куќа бара наследник на шефот на ФБИ, Џејмс Коми кој доби отказ со образложение дека несоодветно ја извршувал работанта задача. Како прв човек на Бирото, Коми ја предодеше истрагата за наводната вмешаност на Русија во претседателските избори на САД. За отказот дознал преку медиумите додека бил на службен состанок во Лос Анџелес.

Американскиот претседател Доналд Трамп го смени директорот на ФБИ, Џејмс Коми, по препорака на државниот обвинител Џеф Сешнс. Како образложение е наведено неефикасното водење на уредот. Поради сомнителните околности и тајмингот на одлуката на Трамп, неколку сенатори побараа специјален обвинител за истрагата за наводното мешање на Русија во претседателските избори, која ја водеше Коми.
„Имајќи предвид дека претседателот го отпушти директорот Коми, која било личност што ќе ја назначи да ја води руската истрага, тој или таа, ќе бидат загрижени дека ќе ги снајде иста судбина како директорот Коми ако најдат вина во Белата Куќа. Американскиот народ мора да има доверба дека ваква сериозна истрага ќе се спроведува непристрасно и без сомнение“, вели сенаторот Чак Шумер.
„Мислев дека администрацијата веќе не може да ме изненади. Сомнителен е моментот во кој претседателот Трамп одлучи да го смени Коми. Многу работи се неповрзани и затоа барам Специјален обвинител и независна комисија“, изјави сенаторот Марк Ворнер.
Критичарите сметаат дека администрацијата во Вашингтон се обидува да ја попречи истрагата на ФБИ за наводната поврзаност меѓу Трамп и Москва.
Гледаат сличност со скандалот Вотергејт од 70-тите години на минатиот век кога тогашниот шеф на САД Ричард Никсон го отпушти специјалниот обвинител Арчибалд Кокс кој изврши силен притисок врз претседателот да ги предаде снимките со прислушуваните разговори во изборниот штаб на демократите во комплексот „Вотергејт“.
Маја С. Филдишев
