Уставниот суд не поведе постапка за мандатот на градоначалниците, надлежноста ја има Собранието

10.05.2017 15:26

Уставниот суд не поведе постапка за мандатот на градоначалниците. Судот не е надлежен да одлучува за правни ситуации кои не постојат. Тоа е во исклучива надлежност на Собранието, сметаат уставните судии. Мандатот на градоначалниците и на советниците истекува на 15-ти мај. Министерството за локална самоуправа бара собранието во најкус можен рок да направи измени на изборниот законик.

Уставните судии не поведоа постапка за оценување на уставноста на иницијативите на Министерството за локална самоуправа, за продолжување на мандатот на градоначалниците. Тие беа едногласни дека судот не е надлежен да одлучува за правни ситуации кои не постојат, бидејќи, според судијата известител Елена Гошева, Уставниот суд не може да креира нова правна состојба кога тоа не го направил законодаваецот. Според Гошева, тоа е во исклучива надлежност на закондавецот, односно на Собранието.

„Уставниот суд ја цени содржината на одредбите, а не тоа што го нема. Неприфатливо е во Законот да не е утврден механизам како да се постапи во случај да не можат да се распишат избори со што би дошло до закочување на работата на локалната самоуправа. Ние утврдивме дека законодавецот има уставно овластување да го уредува ова прашање. Само тој има уставно овластување и тоа е негово право“, рече гошева.

После ваквата одлука на Уставен, ресорното министерство испрати писмено барање до претседателот на Собранието, Талат Џафери во најкус можен рок да бидат преземени потребни дејствија и мерки со кои би се обезбедило уставно и законско фунцкионирање на единиците на локална самоуправа.

„Министерството за локална самоуправа бара Собранието на Република Македонија во најкус можен рок со измени на Изборниот законик да обезбеди законски услови за решавање на настанатиот проблем и за законско фунционирање на органите на единиците на локалната самоуправа и на локалната администрација“, стои во писменото барање од ресорното министерство.

Мандатот на градоначалниците и советниците истекува на 15-ти мај.

Заедницата на единици на локалната самоуправа (ЗЕЛС) веќе апелираше и сугерираше Парламентот на Република Македонија, итно и без одлагање, а најдоцна до петок оваа недела, да изнајде решение за мандатите на градоначалниците и општинските совети. Во спротивно, како што рекоа од ЗЕЛС, со прекинување на мандатот на 15-ти мај, локалната самоуправа нема да може да ги извршува своите законски обврски и клучните надлежности. Toa ќе значи дека нема да земаат плата околу 5.000 вработени во локалната самоуправа како и близу 10 илјади вработени во јавните општински претпријатија, нема да може да се менаџира со општинското градежно земјиште, а ќе биде оневозможено и склопувањето бракови.

Фиљана Кока