Иванов бара гаранции за унитарноста
СДСМ и коалициските партнери да обезбедат гаранции за зајакнување на унитарноста на државата - Тиранската платформа не може да биде услов, ниту основа за формирање влада- претседателот Иванов останува на ставот и по второто писмо на Џафери дека има ново мнозинство.

Иванов го добил писмото на Џафери. Од Кабинетот известија дека претседателот сега очекува лидерот на СДСМ, Заев да го исполни јавно искажаниот збор дека заедно со коалиционите партнери ќе обезбедат гаранции за зајакнување на унитарноста на државата и дека се ќе биде во согласност со Уставот на Република Македонија.
„Претседателот Иванов останува на ставот дека танаречената платформа од Тирана, ниту кој било друг документ, акт или дејствие спротивни на Уставот на Република Македонија, не може да биде услов, ниту пак основа за формирање и дејствување на Влада во Република Македонија. Македонскиот претседател, во однос на определување мандат, ќе постапи согласно Уставот и досега воспоставената практика“, се вели во дописот од Кабинетот на претседателот.
Социјалдемократите го бараат мандатот. Тврдат дека повеќе нема пречки за ова да се случи, а, како што велат, идниот мандатар, Зоран Заев е подготвен да ја реафирмира пограмата на владата која ќе ја штити унитарноста и која се обврзува да работи согласно Уставот и евроатлантските перспективи.
„Ѓорге Иванов нема потреба да ги чека десетте дена, туку е неопходно конечно да постапи согласно уставот и час поскоро да му го додели мандатот за составување нова влада на претседателот на СДСМ, Зоран Заев“, велат од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак велат дека Социјал- демократскиот сојуз покажал оти е подготвен да ги погази и волјата на народот и Уставот за што како пример го посочуваат изборот на Талат Џафери.
„СДС го оневозможи највисокото демократско парламентарно право, правото на дискусија на пратениците. СДС го прескокна формирањето на Комисија за избори и именување со што спречи истата да предложи и други кандидати за претседател на Собранието. СДС го погази и правото на пратениците да соберат потписи и да предложат и други кандидати за претседател на Собранието“, изјави Зоран Илиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието беше објавен во Службен весник.
Катерина Топалова
