Приведени две лица за нападот врз Села, уште една кривична пријава за нападот врз Заев

10.05.2017 15:54

Уапсени се таткото и синот кои на 27-ми април во македонското Собрание го нападнаа пратеникот Зијадин Села. Осомничени се за учество во толпа што ќе стори кривично дело. Поднесена е кривична пријава против уште едно лице кое го нападнало лидерот на СДСМ, Зоран Заев и собраниското обезбедување. На распит во обвинителството и сведоци на случувањата во Законодавниот дом.

Полицијата приведе татко и син, осомничени за нападот врз пратеникот Зијадин Села. По претресот во нивниот дом, била пронајдена и одземена како доказен материјал облеката која осомничените ја носеле за време на настаните во Собранието, информираат од МВР.

Полицијата утврдила дека двајцата фрлале разни предмети кон присутните пратеници и физички го нападнале Села. На разговор за нападот врз лидерот на СДСМ, Заев, бил повикан 37-годишен Скопјанец.

Против него е поднесена кривична пријава поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејство.

Во Обвинителството беше повикан пратеникот од ДУИ, Артан Груби како сведок за настаните што се случија во Собранието.

Од Основното јавно обвинителство информираат дека испратиле покани до сите оштетени пратеници од настаните во Собранието. Деновиве даваат исказ пред надлежен Јавен обвинител.

 

Наташа Гркова- Петрушевска