Тилерсон- Лавров: Напредок во ставовите за Сирија

11.05.2017 10:28

Зачестија средбите на највисоко ниво меѓу Москва и Вашингтон. Во американската престолнина државниот секретар Тилерсон и министерот за надворешни на Руската федерација, Лавров, разговараа пред сѐ за Сирија, за запирање на воените дејствија. Лавров имаше средба и со американскиот претседател Трамп.

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров разговарале за важноста на победата над Исламската држава, деескалација на насилството во Сирија и пристигнувањето на хуманитарната помош до илјадниците луѓе на коишто им е потребна. Лавров и Тилерсон дале поддршка за мировниот процес од Женева за Сирија и целосна имплементација на Минскиот договор за Украина. 

„Сакам да му посакам добредојде на министерот за надворешни работи Лавров и да изразам благодарност што дојде во Вашингтон за да можеме да го продолжиме дијалогот и размената на ставови што започна во Москва кадешто тој беше домаќин на дијалогот за широк спектар на прашања“, изјави државниот секретар Рекс Тилерсон.

Шефот на руската дипломатија на средбата во Белата куќа со американскиот претседател Доналд Трамп му ги пренел пораките од рускиот претседател Владимир Путин и побарал поддршка за планот за 4-те зони за деескалација во Сирија.

„Постои договор и практичен план за зоните за деекскалација со географски параметри. Меморандумот од Астана ги предвидува идните чекори, вклучувајќи кој и како ќе ги контролира. Во интерес на Соединетите Американски Држави е да има активен придонес во овие зони и веруваме дека САД се заинтересирани особено во јужниот дел на Сирија. Се надеваме дека ќе придонесуваат и во другите зони што ќе ја подобри безбедноста, прекинот на насилствата и хуманитарната помош“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Руската Федерација.

Тилерсон и Лавров се согласиле дека дијалогот меѓу двете држави сега е ослободен од идеологијата на поранешниот американски претседател Барак Обама и дека треба да продолжи за билатералните односи и стратешката стабилност. Санкциите против Русија сепак ќе останат се додека Москва не ги прекине активностите што доведоа до нив. 

Тилерсон и Лавров договориле експертска група којашто треба да работи на подобрување на односите меѓу САД и Русија.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ