Прекинат шверц на мигранти близу Велес

11.02.2014 13:18

На патниот правец Гевгелија-Неготино, специјалните единици на Царината открија обид за нелегален превоз на девет мигранти.

Околу еден часот по полноќ, цариниците на патот Гевгелија-Неготино се обиделе да сопрат патничко возило со скопски регистрации, поради сомневање дека возилото пренесува нелегална стока. Возачот ги игнорирал наредбите и скршнал од автопатот при што продолжил да се движи со голема брзина по стариот пат Градско-Велес.

По получасовна бркотница по патиштата, во близина на Велес, возилото нагло запрело на нагорнината при што возачот излегол и побегнал оставајќи го неконтролирано да се движи наназад, удрило во службеното царинско возило, го сменило правецот на движење и излетало надвор од патот.

Во тој момент од возилото излегле девет патници, илегални мигранти од Пакистан, Сирија и Авганистан, кои според првичните сознанија, се обидувале од Грција, преку Македонија и Србија да заминат кон западноевропските земји.

Mигрантите веднаш се задржани, а по пристигнувањето на полициски службеници од СВР Велес и припадници на Граничната полиција, тие им се предадени на натамошно постапување.