Унгарија привремено ја суспендира уредбата на ЕУ за контрола на границите

11.05.2017 14:16

Унгарската влада привремено ја суспендира уредбата на ЕУ за систематска контрола на патниците на Шенген зоната поради повеќечасовните задржувања на границите. Според властите, Брисел треба да се занимава повеќе со запирање на илегалните миграции и терористите.

Темелната контрола на патниците во Шенгенот е привремено суспендирана во Унгарија. Властите во Будимпешта му порачаа на Брисел да се фокусира на илегалните мигранти и терористите, а не на обичните граѓани.

Владата на Унгарија ја суспендираше уредбата на ЕУ за систематска контрола на патниците во Шенген- зоната поради повеќечасовните задржувања на границите.

„Новиот систем ќе предизвикува уште подолготрајни застои на граничните премини во текот на летото така што Владата смета дека е неопходно да се суспендира уредбата“, изјави Кароли Контрат, државен секретар на МВР на Унгарија.

Контрат додаде дека наместо да ги малтретира граѓаните, Брисел треба да се посвети на оние кои илегално мигрираат и терористите бидејќи се голема опасност за најважните точки во ЕУ, слободното движење и шенгенскиот систем.

Уредбата за Шенгенот се применува од почетокот на април и предвидува детален преглед на документите на секој што влегува или излегува од Унијата.

Речиси 1,6 милиони мигранти и бегалци го минаа Средоземно Море и пристигнаа во ЕУ од 2014-та. Година подоцна беше предложена распределба на 120.000 баратели на азил за да се ублажи притисокот врз Италија и Грција, но земјите од Централна и Источна Европа се спротивставија.

 

Маја Филдишев