ЕК: Македонската економија стабилна, раст на БДП од 2,9%
Пролетна економска прогноза на Европската комисија за земјите членки Унијата, но и за Западниот Балкан. Бруто домашниот производ во земјава е значително забавен поради недостиг на инвестиции, пишува во извештајот. Сепак економските основи, побарувачката, увозот и извозот остануваат стабилни. Политичката криза придонесе земјите од регионот да имаат поголем економски раст од нашиот.

Бруто домашниот производ во Македонија е значително забавен поради опаѓање на инвестициите, пишува во Пролетната економска прогноза на Европската комисија за државите членки, за земјите на Западниот Балкан, и глобално за светската економија. Сепак економските основи, побарувачката, увозот и извозот остануваат стабилни.
За годинава се предвидува реален раст на БДП од 2,9 насто за разлика од лани кога македонската економија порасна за 2,4 проценти. Во наредната година растот ќе забрза и ќе достигне 3,2 проценти, пред сѐ поради зацврстување на домашната побарувачка и силниот раст на извозот, придвижуван од зголемените капацитети на фабриките на странските инвеститори во земјава.
Невработеноста годинава треба да се намали за 1,3 насто и да изнесува 22,4 проценти. Европската комисија и во 2018-та година очекува натамошен пад на невработеноста до ниво од 20,9 проценти.
Од челнките на ЕУ годинава највисок раст се очекува од Малта 4,6%, Луксембург и Романија со 4,3 и Ирска со раст од 4 проценти. Во просек земјите кандидати за влез во ЕУ годинава ќе забележат економски раст од 3%, а в година за една десетина повеќе. Истовремено продуктивноста на работната сила ќе порасне за 0,9%.
„Европа влегува во својата петта година по ред на раст, поттикнат од приспособливата монетарна политика, робустниот бизнис и довербата на потрошувачите, односно подобрувањето на светската трговија. Добра вест е дека превисоката неизвесност која е карактеристика на изминатите дванаесет месеци започна да олабавува“, изјави Пјер Московици, еврокомесар за економски и финансиски прашања.
Македонија спаѓа во групата средно задолжени земји со 40 проценти задолженост на централната власт. Актуелната политичка криза се споменува и во пролетната економска прогноза на Европската комисија и според бриселските експерти, таа влијаела врз забавување на економските активности во земјава.
Ресорниот министер Кирил Миноски тврди дека буџетот е ликвиден, засега нема потреба од ребаланс, а за исплата на субвенциите за земјоделците се чека објавувањето на одлуката на Уставниот суд.
„Во моментов не постои потреба од ребаланс на буџетот, како и за еврообврзница. Постои доволна ликвидност на домашниот пазар и наплата на приходите е на соодветно ниво“, изјави министерот за финансии, Кирил Миноски.
Миноски изјави дека податоците за полнењето на буџетот се јавни и покажуваат ликвидност на државната каса. Повика да се причека официјалното објавување на одлуката на Уставниот суд, а средствата во трезорот за оваа намена се обезбедени.
Свето Николовски
