Обновување на пасиштата
Годинава ќе се подобруваат условите за користење на планинските пасишта. Се планираат реконструкции на патишта, изградба на мини акумулации од каде што водата ќе се користи за напојување на добитокот, а ќе се копаат и бунари.

До крајот на јуни треба да се реконструираат вкупно 44 километри патишта во реоните на Пласница, Гостиварско- тетовскиот регион и во околината на Скопје. Во источниот дел на земјата е планирано да се направат 19 мини акумулации, а во реоните на Кривогаштани и Долнени да се ископаат четири бунари за напојување на добитокот.
Јавното претпријатие за стопанисување со пасишта почна со реализација на проекти со кои ќе се подобрат условите за одгледување на добиток.
Веќе се работи на реконструкција и проширување на патот во должина од скоро шест километри на планината Сува Гора, над гостиварското село Чегране што ќе се овозможи подобар пристап на стадата до бачилата, а ќе биде добредојден и за на планинарите и за ловџиите.
Македонија има вкупно 1,2 милиони хектари земјоделско земјиште од кое најголемиот дел се пасишта со скоро 700.000 хектари.
Методија Трајков
