Кондолиза Рајс: САД повторно треба да се вратат на светската сцена

12.05.2017 10:30

САД повторно треба да се вратат на светската сцена, бидејќи во последниве десеттина години поради отсуството на американските сили и политика, настана хаос на Блискиот Исток со последици дури и во Европа- оценува поранешната американска државна секретарка Кондолиза Рајс. Според неа, тероризмот е најголемата светска закана.

Соединетите Американски Држави треба активно да интервернираат во светот, оценува поранешната американска државна секретарка и советничка на претседателот Џорџ Буш, Кондолиза Рајс. Рајс која сега предава меѓународна политика на универзитетот Стенфорд, смета дека најголема закана по светската безбедност е тероризмот.

„Тероризмот е закана, бидејќи како ќе се штитите кога зборуваме за простори кадешто нема власти или пак од терористи регрутирани дома. Целата безбедност е драматично променета и се уште бараме начини како да се справиме со овие закани“, изјави Рајс.

Рајс ја поддржува политиката на Рекс Тилерсон, според кого американската национална безбедност треба да се стави пред вредностите. Иако не се согласуваме во се со Кина и Русија треба да соработуваме со нив во случаи како Северна Кореја, што е закана не само за САД туку и за овие држави.

„Факт е дека некој ден ќе морате да се справите или дури и да се обидувате да се согласите со луѓе коишто не ги делат вашите вредности. Тоа е природата на работата државен секретар. САД не се невладина организација и ќе мораме да се справиме со тоа“, нагласува Рајс.

САД доцна се вклучија во Сирија и поради тоа настана хаос на Блискиот Исток и во Европа, оценува поранешната шефица на американската дипломатија. Таа смета дека воздушниот напад по наредба на претседателот Доналд Трамп е добар сигнал дека Америка се враќа во регионот и активно ќе учествува во справувањето со ситуацијата во Сирија.

Според Кондолиза Рајс, Обединетите нации се уште се добра светска организација која може да помогне за справување со конфликтите и безбедносните закани во светот.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ