Нова веб-страница на ЈП за државни патишта

11.02.2014 14:07

Целосно ќе се изолира човековиот фактор од патарините. Ќе се модернизираат наплатните рампи низ државава...

Целосно ќе се изолира човековиот фактор од патарините. Ќе се модернизираат наплатните рампи низ државава. Додека се чека зелено светло од ЕБРД за проектот, ќе се зголеми бројот на патарините онаму каде што минатото лето беше тесно грло. Министерот за транспорт Јанакиески вели дека откога Јавното претпријатие (ЈП) за државни патишта ги презеде патарините, приходите се зголемени за 20%. 
 
„Очекуваме некаде во април, мај, да имаме склучено договор со компанија која ќе направи целосна модернизација на патарините на Коридорот 10. Модернизацијата и на патарините на Коридорот 8 се предмет на концесија, односно концесионерот ќе треба да инвестира во модернизација по истиот терк како што е на Коридорот 10“,  изјави Миле Јанакиески, Министер за транспорт и врски.
 
Каква е состојбата на патиштата, дали има метеж на граничните премини и на патарините, граѓаните ќе може да проверат на новата веб-страницаа на ЈП за државни патишта. 
 
„Во секој момент секој ден се ажурира, се гледа каква е состојбата на одредени делници. Видеокамерите се ставени на сите патарини и на граничните премини. Он- лајн ги гледате во секој момент како функционираат сите наши патарини, колку се отворени, колку не се, меѓутоа и кога граѓаните ќе планираат патување, може да ја видат гужвата на одредена патарина, дали има и, секако, граничниот премин“, изјави директорот на ЈП за државни патишта, Љупчо Горгиевски.
 
Граѓаните со новата веб-страница ќе имаат увид до каде е реализацијата на проектите кои се дел од програмата на јавното претпријатие. Порталот ги содржи сите потребни информации за тоа дали има застој на некој од патните правци, градежни активности, калкулатор за растојание,  како и податоци за моменталнатас температура.
 
 
Ана Јосифоска