Доналд Трамп тврди дека не е под истрага
Не сум под истрага за сомневањата околу руското мешање во американските претседателски избори, тврди претседателот Трамп. Во првото интервју по смената на директорот на ФБИ, Џејмс Коми, тој се повика токму на признанието што му го дал сега сменетиот директор на ФБИ.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не е под истрага, повикувајќи се на признанието што му го дал сега веќе сменетиот директор на ФБИ, Џејмс Коми. Во интервју за ЕН-БИ-СИ, прво по сменувањето на Коми, Трамп изјави дека за тоа директно го прашал директорот, при една нивна средба. Станува збор за истрагата на ФБИ за сомневањата околу руското мешање во американските претседателски избори и за можните врски на луѓето од тимот на Трамп со Русија и со руски функционери во текот на предизборната кампања, минатата година.
Во интервјуто, Трамп ја нарекува целата истрага „шарада“, но демантира дека сака таа да биде запрена.
„Што се однесува до мене, сакам истрагата да се спроведе како што треба. Сметам дека требаше да се заврши уште одамна, но си реков, можеби ќе ја оддолжам, но мора да го направам вистинското нешто за американскиот народ. Коми не беше вистинскиот човек за тоа место“, рече Трамп.
Трамп смета дека истрагата треба да продолжи, за да се види дали навистина имало руско мешање, или од некоја друга држава, за тоа повеќе никогаш да не се случи. Тврдеше дека Коми ја загубил довербата на своите соработници и на целото биро, но неговиот наследник Мекејб смета дека доскорешниот директор го имал зад себе целиот тим на ФБИ. Трамп призна дека одлуката за сменување ја донел сам и дека тоа ќе се случело без разлика каква би била препораката.
„Ќе го отпуштев без оглед на препораката. Тој беше многу почитуван, добар и паметен човек. Демократите го сакаат, Републиканците исто така. Но, без оглед на се, ќе го отпуштев, знаејќи дека нема добро време за тоа“, изјави Трамп.
Од друга страна пак, „Њујорк Тајмс“ пишува дека вистинската причина за разрешувањето на директорот на ФБИ е во тоа што ја одбил лојалноста кон американскиот претседател, и дека наместо тоа му ветил чесност.
Марина Автовска
