Недостиг на медицински сестри во јавното здравство
Голем број од медицинските сестри во болниците подолго време работат со нерешен статус под договор на дело или како волонтери со многу мали плати. Ова е една од причините, како што велат, да се решат да одат во странство. Здравствените власти се свесни дека е потребно двојно зголемување на медицинските сестри.

Недостигаат медицински сестри во јавните здравствени установи низ земјава- констатација на Меѓународниот ден. Се предупредува дека овој стручен кадар се одлева. Како проблем се посочуваат ниските плати, но и нерешениот работен статус.
„Голем број од медицинските сестри во болниците подолго време работат со нерешен статус под договор на дело, или како волонтери со многу мали финансиски примања и тоа е многу голем проблем. На некој начин тоа кај сестрите предизвикува дестимулација, а Европа е дефицитарна со медицински сестри. Ние ги произведуваме и едуцираме додека имаат статус на волонтери, а тие потоа како готов, едуциран кадар за жал заминуваат надвор од државата“, вели Гордана Бешлиовска, главна медицинска сестра во ГОБ „8 Септември“.
Според проценките во земјава има од седум до осум илјади медицински сестри. Потребно е оваа бројка двојно да се зголеми.
Поради зголемениот обем на работа и недостигот од медицински сестри, дел од операционите сали и одделенија во Градската општа болница „8 Септември“ одамна се затворени. Според надлежните, во оваа здравствена установа работат околу 300 медицински сестри, недостигаат уште 180.
Медицинските сестри велат дека тие се носители на здравствената нега, а не помошници во тимови. Се надеваат дека наскоро ќе успеат во формирањето на комората за сестри, преку која полесно ќе можат да ги решаат проблемите со кои се соочува нивната професија.
Андријана Атанасовска
