Џафери на средба со амбасадори на земји- членки на ЕУ

12.05.2017 15:06

За Џафери приоритет е изборот на новата влада и очекува претседателот Иванов да го почитува Уставот, бидејќи како што стои во дописот од собраниската прес служба, се работи за институционални обврски, а не е прашање на лична волја.

Претседателот на собранието Талат Џафери оствари средба со 16 амбасадори на земјите- членки на Европската унија, акредитирани во Македонија. Според информациите од собраниската прес служба, било разговарано за актуелната политичка ситуација во земјава, за функционирањето на парламентот, и за процесот за формирање нова влада.

За Џафери приоритет е изборот на новата влада и очекува претседателот Иванов да го почитува Уставот, бидејќи како што стои во дописот од собраниската прес служба, се работи за институционални обврски, а не е прашање на лична волја.

Следните чекори во работата на Собранието ќе бидат во контекст на формирањето на собраниските комисии што е предуслов за распишување на локалните избори, посочил Џафери. Штом ќе биде постигнат договор меѓу партиите, веднаш ќе биде свикана собраниска седница.

По средбата холандскиот амбасадор Пломп кратко изјави дека идната недела очекува позитивен развој на настаните.

Во кабинетот, Талат Џафери одржа и средба со претставници на медиумите. Најави дека неговите врати ќе бидат отворени за медиумите, со цел тие да можат изворно да известуваат од Парламентот.