Нема труење кај штипското детенце
11.02.2014 14:16
Досега немало знаци на некакво нарушување, што укажува дека детето не се затруло со отров за глувци на што се сомневале вработените во штипската градинка „Астибо“ и родителите...

15-месечно дете од Штип нема знаци на труење и е во добра состојба, изјави директорката на Клиниката за детски болести проф.д-р Аспазија Софијанова. Досега немало знаци на некакво нарушување, што укажува дека детето не се затруло со отров за глувци на што се сомневале вработените во штипската градинка „Астибо“ и родителите.
Ако било затруено, ќе имало внатрешно крвавење, што за среќа не се случило, па се претпоставува дека воопшто немало допир со некакво средство или ако ставило нешто в уста, не дошло до циркулацијата.
Штипските доктори добро постапиле, вели Софијанова, му го испрале стомачето и му дале противотров.
Во штипската градинка каде што одело детето, викендот е направена дезинфекција, дезинсекција и дератизација, па оттаму е и стравот и на родителите и на вработените.
Соња Стојановска
