Се зголемува интересот за кредитирање на граѓаните
Опаѓаат депозитите на фирмите, како и барањата за нови кредити. Во исто време, се зголемува интересот за кредитирање на граѓаните. Централната банка апелира до корисниците да внимаат на условите и на трошоците за одобрување на нов кредит.

Опаѓаат депозитите на фирмите, но продолжуваат да растат штедните влогови на граѓаните. Во време кога фирмите повнимателно се задолжуваат, банките се насочија кон граѓаните кои земаат кредити, не ретко и за рефинансирање на старите кредитни обврски, со пониски капатни стапки. Февруарското намалување на вкупните кредити за половина процент, според Народна банка се должи во целост од пониското ниво на одобрени кредити на претпријатијата, додека кај населението трендот е позитивен. Во ера на електронска трговија, расте интересот не само за „он лајн тргување“ туку и за таканаречените брзи кредити, односно земање помали износи преку интернет.
Централната банка продолжува со финансиска едукација на граѓаните. Ги потсетува да бидат внимателни при склучување нови договори, да ги прочитаат сите услови за кредитирање, вклучувајќи ги и еднократните надоместоци, и особено износот на вкупните трошоци на задолжувањето.
Анализите на Централна банка покажуваат дека во првиот квартал годишната стапка на раст на вкупните кредити изнесува 5,8% и е под очекуваниот годишен раст од 7 насто.
Разрешувањето на политичката криза, според бизнис заедницата, ќе овозможи поголема динамика во економијата и нормален раст на кредитите. На тридневниот Саем на банки и финансиски институции, 12 од најголемите, ги нудат на едно место најновите финансиски производи. Присутна е и Народна банка, а се очекуваат повеќе од 100 илјади посетители.
Свето Николовски
