Демир Капија во духот на виното, ракијата, песната...
Подготовка на специјалитети, натпревари во кроење лоза, избор за најдобро домашно вино и ракија, се дел од активностите што ги организираат Општина Демир Капија и Центарот за едукација и вмрежување во туризмот во рамките на Неделата на традицијата.

Дваесет учесници ќе презентираат 29 мостри вино и 15 мостри ракија, 25 ќе понудат вкусни специјалитети за избор на најдобриот, а деветмина лозари ќе се натпреваруваат во кроење лоза.
Интересот за учество на натпреварите оваа година е голем не само од Демир Капија, туку и пошироко. Од Туристичкиот едукативен тренинг – центар велат дека полека но сигурно оваа манифестација ќе добие регионален карактер, а празнувањето на Св. Трифун ќе прерасне во туристичка атракција каква што заслужуваат жителите на овие простори.
Производителите од Демир Капија ќе бидат дел од предавањето за можностите за органско производство и нивно сертифицирање. Градоначалникот на Општината Трајче Димитриев се надева дека сите мерки што ќе бидат преземени за зачувувањето на традицијата и едукацијата на производителите, во согласност со модерните текови, ќе придонесе за развој на регионот .
В петок, на празникот на лозарите, Св. Трифун, на плоштадот во Демир Капија ќе се одржи целодневна културно – уметничка манифестација со презентација на фолклорни игри и танци. Посетителите ќе можат да дегустираат традиционална храна и да си купат рачни изработки и сувенири.
“Неделата на традицијата“ се одржува по четврти пат. За првото издание во 2011, организаторите ја добија наградата од Министерството за економија за најдобро организирана стопанско – туристичка манифестација.
Моника Јовановска
