Топлото време ги зголеми повиците во итните служби

15.05.2017 10:47

Топлото време предизвика колапси. Од Итната медицинска помош велат дека имале интервенции. Лекарите советуваат граѓаните со себе да носат вода. Велат дека температурата не влијае толку на возраста колку на состојбата на организмот. Наглото затоплување, им создало проблем на пациентите со висок крвен притисок.

Невообичаено топлото време за овој период од годината го зема данокот.

Викендов во брза помош имало зголемен број  повици. Лекарите интервенирале кај граѓани кои колабирале на улица. Наглото затоплување проблем им создаде и на пациентите со висок крвен притисок, како и на луѓето со кардиоваскуларни заболувања.

„Возраста не влијае толку многу на промените во температурата, најмногу влијае здравствената состојба на организмот. Опфатени се хронично болните, но и многу млади се јавуваат за помош во итната медицинска помош, фактори се брзиот начин на исхрана, потоа стресниот живот, заморот“, изјави д-р Елена Карева Пиловска, шеф на смена во Брза помош.

Поради променливото време, лекарите со препорака за поголема внимателност кај повозрасните, но и кај помладите.советуваат граѓаните со себе да носат вода и да не излегуваат без потреба.

„Промената на времето ми влијае на здравјето, чувствувам малаксаност, во воздухот нема свежина.“

„Се молевме да дојде потопло и еве дојде, само лошо е што од зима наеднаш дојде лето.“

„Јас метеопат, кога се наоблачува ги чувствувам промените, но кога од лошо време оди на подобро уште потешко ми е.“

„Јас уживам во топло време, така ми е навикнат организмот иако сум опериран од срце“- велат граѓаните.

Викендов термометарот го надмина 30-от степен. Лекарите советуваат да се носи лесна облека, да не се престојува подолго време на директна сончева изложеност, а хронично болните редовно да ја земаат пропишаната терапија.

 

Андријана Атанасовска