Поголема соработка меѓу македонските и британските компании

15.05.2017 15:38

Британските компании имаат интерес да ја прошират соработката со македонската бизнис- заедница. Најголеми можности има во енергетиката, автомобилскиот сектор, метало- преработувачката и прехранбената индустрија.

Триесеттина македонски и 19 британски компании учествуваат на бизнис- форумот организиран од Стопанската комора на Македонија и на бизнис- заедницата на јужен Лондон. Лани размената надминала 785 милиони долари, со голем дефицит на наша страна од 668 милиони. Тоа според комората се должи на големиот увоз на суровини и благородни метали кои потоа се вградуваат и се извезуваат во други земји. Најголеми можности за раст има во автомобилскаиот сектор, металопреработувачката индустрија, енергетиката и прехранбената индустрија.

„Анализирајќи го тој дебаланс заклучивме дека се работи за увоз на репроматеријали кои се потребни за странските инвеститори и тоа се одрсазува на извозот кон други дестинации, така да тоа не е е така драматично како што покажуваат бројките. Она што е битно да се забележи е дека Македонија би сакала да отвори некои прашања кои што се однесуваат на либерализација на пазарот на работна сила, отварање на прашањето за олеснување на визниот режим према Обединетотот кралство. И она што е најважно од се е да се обидеме да ја подигнеме вкупната соработка на ниво во кое инвестициите во Македонија ќе бидат упатени на зголемен извоз од Македонија кон надвор со што би се намалил овој дебаланс меѓу увозот и извозот меѓу двете земји“, изјави Антони Пешев, претседавач на Собранието на Стопанска комора на Македонија.

Британските компании имаат интерес да ја прошират соработката со македонската бизнис - заедница, а во Скопје на бизнис - форумот пристигнаа 28 претставници на компании од сите региони на В. Британија што ја покажува разноликоста на Лондон како бизнис - центар, вели Џери Мек Донах претседател на Бизнис - заедницата од јужен Лондон.

„Тука има претставници на индустриите за производство на медицинска и хируршка опрема, правни застапници, хотелиерство, прехранбена индустрија:сакам да кажам дека јас сум тука како и другите делегати, ги претставуваме сите членови на нашата Стопанска комора, која морам да кажам дека има членови од доста различни сектори и оваа комора е доста активна“, изјави Џери Мек Донах, претседател на Стопанската комора на јужен Лондон.

Политичката криза трае предолго и влијае негативно на бизнис - климата вели Пешев, без да има намера Бизнис - заедницата да влијае на процесот на политичко преговарање.

„Пораката од стопанството е дека сакаме да видиме стабилна политичка состојба што само ќе ни помогне да привлечеме повеќе странски инвеститори, полесно да соработуваме. Визурата на Македонија не ја прават само нашите бизнисмени туку и политиката која дава површна слика за она што реално се случува во еконосмкиот сектор“, вели Пешев.

Искуствата на британските инвеститири се позитивни вели амбасадорот Чарлс Гарет. Познат е квалитетот на македонското вино и ајварот. Секој четврти британец користи македонска постелнина, во автомобилите се користат катализатори произведени во македонската компанија на Мети, се повеќе интернет страници се изработени од македонски програмери, а потенцијалот за соработка во туризмот е голем, порача Гарет.

 

Свето Николовски