Трамп во посета на Блискиот Исток и Европа

16.05.2017 10:44

Првата посета на американскиот претседател Доналд Трамп во странство се оценува од неговиот кабинет како историска бидејќи досега ниту еден американски претседател не ги посетил светите места на муслиманите, евреите и христијаните за време на едно патување. Обединување на народите врз основа на толеранција, мир, прогрес и просперитет е пораката што Трамп ќе ја испорача за време на неговата посета на Блискиот Исток и во Европа.

Реафирмирање на американското лидерство во светот, изградба на партнерства со клучни светски лидери и порака за единство на трите најголеми светски религии, е целта на првата посета на американскиот претседател Доналд Трамп во странство. Трамп ќе ја започне посетата во Саудиска Арабија каде ќе се сретне со повеќе муслимански лидери од коишто ќе побара да заземат цврст став против радикалната исламска идеологија на Исламската држава, Ал-Каеда, Иран и сирискиот режим.

„Трамп ќе ги води првите чекори кон посилно и поспособно безбедносно партнерство со арапските и муслиманските партнери и ќе испорача силна порака дека САД и целиот цивилизиран свет очекува нашите муслимански сојузници да заземат силен став против радикалната исламска идеологија, што користи испревртена верзија на религијата за да ги оправда воените злостворства против човештвото и ќе побара од муслиманските лидери да промовираат мирнољубива верзија на Исламот“, изјави Херберт Рејмонд Мекмастер- советник за национална безбедност во Белата куќа.

Трамп во Израел ќе се заложи за праведно решение за мир и се очекува да соопшти дека САД ќе ја преместат американската амбасада во Ерусалим. Слобода на исповед, спречување на прогонувањето на христијаните, трговијата со луѓе и соработка при хуманитарни мисии, ќе бидат темите на средбата на американскиот претседател со Папата Франциск во Ватикан. Во Брисел, Трамп ќе има средба со сојузниците од НАТО на коишто ќе разговара за Авганистан и Северна Кореја.

„Во Брисел, претседателот ќе ја потврди американската посветеност на Алијансата, истовремено нагласувајќи ја потребата земјите членки да го платат својот дел од обврските и да понесат одговорност и да споделат дел од товарот, и институцијата да продолжи на патот за засилување на сојузот“, изјави Мекмастер.

Трамп ќе има средба со највисоките италијански политичари и ќе присуствува на состанокот на државите од Г7 на Сицилија, каде ќе побара праведно економско партнерство и фер трговски договори. Американскиот претседател ќе го заврши патувањето со посета на американските сили во база во Италија.

Америка на прво место не значи Америка сама, ова ќе биде пораката на американскиот претседател Доналд Трамп на првата посета во странство.

Ирна Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ