Убиен познат новинар во Мексико
Убиен е репортер за илегалната трговија со дрога во Мексико. Полицијата се обидува да ја идентификува групата која отворила оган кон познатиот новинар. Валдез пишуваше најмногу за активностите на картелот кој го предводеше озлогласениот наркобос „Ел Чапо“ кој чека судење во САД.

Непозната група го застрела и усмрти познатиот мексикански новинар Хавиер Валдез. Нападот се случи во северозападната сојузна држава Синалоа каде што живеел и работел. 50-годишниот новинар беше повеќепати наградуван за прилозите за борбата против шверцот на дрога и организираниот криминал во Мексико. Во 2011-та година ја доби и престижната Меѓународна награда за слободата на печатот.
Голем дел од неговите текстови му беа посветени на нарко-картелот „Синалоа“, кој, според властите, е одговорен за 25 насто од целата дрога која илегално влегува во САД. Негов основач е Хоаким Гузман, познат по прекарот „Ел Чапо“, кој беше уапсен и префрлен во САД каде што чека судење.
„Активностите на Хавиер ќе бидат дел од истрагата. Најважно е да ги заштитиме членовите на весникот „Семинарио“. Првенствено сме заинтересирани за семејството на Хавиер“, изјави Хуан Хозе Риос, јавен обвинител.
„Не е важен статусот или славата на новинарот. Оние кои сакаат да го убијат, ќе го направат тоа. Ова не е само напад врз човекот, туку и врз медиумите“, вели Јан Алберт Хутсен, комитет за заштита на новинарите.
Мексиканскиот претседател Енрике Пења Нието го осуди убиството и потенцираше дека Владата ќе продолжи да се ангажира за заштитата на слободата на медиумите.
Во една пригода Валдез изјави: „Новинарот е на нечија црна листа. Иако има панцир и телохранители, бандите ќе го убијат ако решат да го сторат тоа“.
Годинава во Мексико беа убиени пет медиумски работници. Од 1992 година се регистрирани 38 убиства на новинари.
Маја Филдишев
