„Матурска парада 2017“ в петок на плоштадот „Македонија“
Квадрил ќе играат и матурантите и во стотина европски градови. Ќе испратат порака за ненасилство и толеранција.

Околу 2 илјади матуранти в петок точно напладне ќе учествувааат на 11-та матурска парада. Во исто време и на иста музика ќе се танцува и во Струга, Охрид, Струмица и во Гевгелија.
Никола Глигоров од Дирекцијата за култура и уметност на денешната прес-конференција информира дека македонските матуранти ќе танцуваат на иста музика и во исто време заедно со своите врсници од десетина држави од Централна и Југоисточна Европа.
Официјалниот дел на програмата ќе почне во 11:40 часот со обраќање на претставник од Град Скопје, а потоа матурантите ќе ја кажат заклетвата за ненасилство. Точно на пладне со посредство на Македонското радио - Радио Скопје ќе биде преземен сигналот од Радио Словенија од каде доаѓа музиката од Штраусовата опера „Лилјакот“, на која матурантите ќе го танцуваат квадрилот. По завршувањето на парадата ќе има честитка од Делегацијата на ЕУ во Скопје и кратка забавна програма со дел од учесниците во мјузиклот „Тајно моја“ во продукција на Македонската опера и балет.
