Градоначалниците имаат техничка функција, мандатот на советниците истече

16.05.2017 15:01

Мандатот на советниците истече на 24-ти март, а на градоначалниците може да трае до завршувањето на тековната година, односно до 31-ви декември, велат од Државниот инспекторат за локална самоуправа. Оттаму појаснуваатдека според Законот, градоначалниците извршуваат техничка функција.

Државниот инспекторат за локална самоуправа преку соопштение појаснува дека мандатот на советниците на општините е истечен на 24-ти март и сите одлуки донесени од советите, вкупно 680, инсекторатот ги поништил и ставени се вон сила. Но, од инсекторатот појаснуваат дека според два члена од Законот за локална самоуправа, мандатот на градоначалниците трае до завршување на тековната година односно до 31.12.2017, па со оглед на изминатиот мандат на Советите, градоначалниците извршуваат техничка функција, но во никој случај не смеат да прекинат со фунционирањето на општината, а ако не ги извршуваат обврските ќе се соочат со санкции.

Градоначалниците во Македонија сега се само чувари на имотот со кој до вчера раководеа. Останаа со скусени ингеренции откако истече нивниот четиригодишен мандат. До новите локални избори, или пак до измена на законите во Собранието, ќе се снаоѓаат. Особено околу финансиите потребни за нормално фунционирање на институциите кои се под општинска капа.

Градоначалниците немаат проблем со тоа кога да се одржат изборите. Како што рекоа тоа е политички договор меѓу партиите, но инсистираат Собранието што поскоро да ги измени Законот за локална самоуправа и Изборниот законик преку кои ќе им се вратат сите ингеренции за раководењесо општините сѐ до изборите.

На координација кај претседателот на Собранието, Талат Џафери, без учество на ВМРО-ДПМНЕ, парламентарните партии постигнаа начелен договор локалните избори да се одржат во првата половина на октомври.

Миле Ристески