Груевски: Со локалните да има и парламентарни избори

16.05.2017 15:59

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ апелира на 15-ти октомври, датумот за кој претставниците на политичките партии се согласија да се одржат локалните избори, да се организираат и предвремени парламентарни избори.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски денеска ја повтори заложбата заедно со локалните избори да се одржат и предвремени парламентарни избори на кои, како што истакна, ВМРО-ДПМНЕ ќе биде победничка партија. Апелира на 15-ти октомври, датумот за кој претставниците на политичките партии се согласија да се одржат локалните избори, да се организираат и предвремени парламентарни избори.

Начелно, партиите преку нивните претставници договорено е локалните избори да се одржат на 15-ти октомври годинава. Се надевам дека СДСМ овој пат нема да промени и отстапи нешто како што тоа знаеше да го прави често во минатото. Кога ќе видат дека губат, па да пролонгираат и да бараат и алиби. И се надевам дека ќе размислат уште еднаш за предвремени парламентарни избори кое беше и останува наше барање со кое ќе се разјаснат многу работи на политичката сцена што се случија по изборите и со кои ќе се даде можност на граѓаните да го кажат својот став за она што го правеше и СДСМ и ВМРО во периодот после изборите, изјави Груевски.