Во Женева почнува новиот круг мировни преговори за Сирија

16.05.2017 16:31

Досега беа одржани пет средби под покровителство на ОН, на кои се разговараше за прекин на огнот во Сирија и кои завршија без успех, а аналитичарите прогнозираат минимални шанси за постигнување поголем напредок во оваа шеста рунда.

Во Женева денеска почнува нов круг мировни преговори за Сирија, чија мисија е да се стави  крај на шестгодишната граѓанска војна во земјата, во која досега загинаа над 320.000 лица. Досега беа одржани пет средби под покровителство на ОН, на кои се разговараше за прекин на огнот во Сирија и кои завршија без успех, а аналитичарите прогнозираат минимални шанси за постигнување поголем напредок во оваа шеста рунда.

„Намерата овој пат е да одиме малку подлабоко. Охрабрен сум од зголеменото ангажирање и интерес, од американската администрација со која сме во контакт, како и од намалувањето на насилството“, вели Стафан Де Мистура, посредник на ОН за Сирија.

Де Мистура ја отфрли сугестијата дека преговорите во Астана го „засениле“ Женевскиот процес. Преговорите, со посредништво на ОН, се насочени на неколку теми, како човековите права, изработката на нов устав, избори и борбата против тероризмот во Сирија. 

„Секоја одлука која би можела да биде прифатена од Советот за безбедност за да се обезбеди деескалација во земјата е нешто што секако би го разгледале“, изјави Де Мистура.

Се очекува претставниците на сириската влада и на опозицискиот висок преговарачки комитет во Женева да преговараат до викендот, а Де Мистура наведе дека сака преговори по неколу прашања за кои се надева дека ќе се оствари солиден напредок. 

Комитетот смета дека заминувањето на Асад од власта мора да биде дел од секоја политичка транзиција во земјата, што сириската влада го одбива. 

Инаку, силите на сирискиот претседател Асад ја зајакнаа својата позиција на терен, а бунтовниците се обидуваат да се повратат од ударот по големите загуби во реонот на Дамаск. 

 

Марина Автовска