Трамп- Ердоган: Силни односи меѓу САД и Турција за поголема стабилност

17.05.2017 10:35

Силни односи меѓу Соединетите Американски Држави и Турција ќе придонесат за стабилноста на двете држави и светот, ова е пораката од првата средба меѓу американскиот и турскиот претседател, Доналд Трамп и Реџеп Таип Ердоган во Вашингтон.

Поголема соработка во борбата против тероризмот, стабилизација на Сирија и враќање на бегалците било договорено на средбата меѓу американскиот и турскиот претседател Доналд Трамп и Реџеп Таип Ердоган во Белата куќа. Официјална Анкара изрази загриженост поради намерата Америка да им достави оружје на курдите од сириската демократска армија која се бори против Исламската држава во Сирија. Турскиот претседател од американска страна бил информиран дека оружјето не е за курдите, туку за арапите коишто се членови на оваа армија.

„Турција и турскиот народ се соочија со страшни терористички напади во последниве години и го понудиме нашето сочувство за жртвите и нашата поддршка за турската нација. Ја поддржуваме Турција во борбата против тероризмот и терористичките групи како ИДИЛ и ПКК, и ќе осигураме да немаат безбедно место за нив. Го цениме турското лидерство при ставањето крај на страшните убиства во Сирија и намалување на насилствата што ќе создаде атмосфера за мирно решение“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.

„За нас е многу важно да воспоставиме поблиска солидарност и соработка во борбата против тероризмот, првенствено против Исламската држава и сите други терористички организации. Посветени сме да се бориме против сите видови на тероризам без никаква дискриминација, зошто е јасна закана за нашата иднина. Нема место за терористичките организации во нашиот регион. Не смееме да дозволиме овие терористички организации да ја користат религијата како изговор за нивните акции“, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Америка и Турција ќе ја прошират соработката во економијата, трговијата, енергетиката и воената индустрија.

САД одбиваат да го екстрадираат Фетула Ѓулен, којшто Турција смета дека е организатор на неуспешниот државен удар минатото лето.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ