Претседателот Иванов му го додели мандатот на Заев
Заев јавно гарантираше зачувување на унитарноста на државата...

Претседателот Ѓорге Иванов му го додели мандатот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Тој пак јавно гарантираше зачувување на унитарноста на државата.
Пречките за доделување мандат за состав на Влада на Република Македонија се отстранети. Денеска пристапуваме кон исполнување на член 84 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија за определување на мандатар за состав на Влада на Република Македонија. Коалицијата предводена од СДСМ која има мнозинство во Собранието на Република Македонија го предложи г. Зоран Заев да биде кандидат кому ќе му биде доверен мандатот за состав на влада на Република Македонија, рече во краткото обраќање претседателот Иванов.
Зоран Заев се заблагодари и посочи дека се остранети двете пречки за доделување на мандатот, односно претседателот на Собранието Талат Џафери испрати писмо до претседателот Иванов, а тој како манадатар во име на парламентарното мнозинство испорачал изјава во форма на гаранција.
Прво, гарантираме заштита на унитарноста, суверенитетот, територијалниот интегритет, независноста и мултиетничноста на Република Македонија. Гарантираме заштита на уставниот поредок и територијалната целина на Република Македонија. Гарантираме заштита на државните интереси и унапредување на животот на сите граѓани без оглед на етничката, религиската и јазичната припадност. Гарантираме дека процесот на носење на одлуките за граѓаните на Република Македонија ќе биде во согласност со основните демократски принципи и владеење на правото недоведувајќи ја Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема друга држава. Ниту еден документ, платформа, декларација, акт или дејствие кое е спротивно на горенаведените ставови не може да биде услов ниту основа за формирање и дејствување на владата на Република Македонија, наведе Заев во изјавата при доделувањето на мандатот.
Мандатарот има рок од 20 дена да ја состави владината програма и тимот и да ги достави до Собранието.
