Гаранциите обезбедени, Иванов му го додели мандатот на Заев
Претседателот Ѓорге Иванов му го додели мандатот за формирање влада на лидерот на СДСМ Зоран Заев. Според шефот на државата, пречките за доделување мандат се отстранети. Првиот човек на Социјал- демократите јавно прочита изјава со гаранција за унитарноста на земјата.

Македонскиот претседател Иванов денеска му го врачи мандатот за состав на новата влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, откако пречките за тоа, како што рече, биле отстранети.
Коалицијата на СДСМ која има мнозинство, го предложи Зоран Заев за мандатар, изјави Иванов. Гарантираме заштита на унитарноста, суверенитетот, територијалниот интегритет, мултиетничноста и уставниот поредок во државата, како и зачувување на државните интереси, изјави Заев. Дадени се гаранции и дека процесот на носење одлуки за граѓаните ќе биде во согласност со владеење на правото.
„Пречките за доделување мандат за состав на Влада на Република Македонија се отстранети. Денеска пристапуваме кон исполнување на член 84 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија за определување на мандатар за состав на Влада на Република Македонија. Коалицијата предводена од СДСМ која има мнозинство во Собранието на Република Македонија го предложи г. Зоран Заев да биде кандидат кому ќе му биде доверен мандатот за состав на влада на Република Македонија“, рече претседателот Иванов.
„Гарантираме дека процесот на носење на одлуките за граѓаните на Република Македонија ќе биде во согласност со основните демократски принципи и владеење на правото недоведувајќи ја Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема друга држава. Ниту еден документ, платформа, декларација, акт или дејствие кое е спротивно на горенаведените ставови не може да биде услов ниту основа за формирање и дејствување на владата на Република Македонија“, наведе Заев во изјавата при доделувањето на мандатот.
Мандатот го добив согласно со Уставот, деловникот, законите и во брзо време очекувам да ја составам новата влада, односно пократко од предвидениот рок од 20 дена, изјави новиот мандатар по средбата со претседателот Иванов.
Најави дека за распределбата на ресорите ќе преговара со ДУИ, Алијанса за албанците и со БЕСА, партиите кои дадоа 67 потписи за обезбедување парламентарно мнозинство.
Миле Ристески
