Подготвен прашалник за рана детекција на депресија

17.05.2017 16:20

Преку сопствени одговори до откривање на проблемот – во пресрет на Светскиот ден на општите и семејните лекари подготвен прашалник за рана детекција на депресијата.

Две третини од пациентите кои ги посетиле ординациите на матичните лекари имале симптоми што укажувале на депресија, но ги игнорирале. Преку сопствени одговори, пациентите полесно ќе можат да го откријат проблемот – дел од матичните лекари веќе им даваат прашалници кои треба да покажат дали имаат одредено психолошко, социјално или професионално нарушување во континуитет од две недели.

„Целта е да видиме дали ќе успееме да детектираме пациенти со знаци на депресија, а резултатот кој ќе го добиеме ќе ни укаже дали станува збор за лесна, тешка или депресија која има во своето навестување и суицидален карактер“, вели д-р Катерина Ковачевиќ, претседател на Здружението на лекари по општа- семејна медицина.

Голем број од болните не бараат лекарска помош, ниту земаат терапија- велат докторите. А последиците можат да бидат катастрофални, да доведат до самоубиство.

„Апелираме до граѓаните да им веруваат на своите семејни лекари бидејќи тие како чувари на нивното здравје најдобро знаат како да ја препознаат депресијата. Менталното здравје заедно со општото физичко здравје е важен предуслов за здрава нација“, изјави д-р Горан Димитров, претседател на Македонско лекарско друштво.

„Во неразвиените и во средно развиените земји депресијата е се повеќе присутна кај младата популација од 15 до 19 години и е втора причина за смртност по сообраќајните несреќи“, изјави д-р Љубин Шукриев, генерален секретар.

Повеќе од 80 проценти од луѓето кои живеат со депресија се од земјите со низок и среден животен стандард. Во пресрет на Светскиот ден на семејните и општи лекари – вниманието е насочено на оваа болест.

 

Андријана Атанасовска