ВМРО-ДПМНЕ: Добивањето на мандатот е затруен плод на затруено дрво

17.05.2017 16:45

„Политичкиот отпор и масовните граѓански протести резултираа со неопходните гаранции за зачувување на унитарноста на државата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Според партијата, добивањето на мандатот е затруен плод на затруено дрво. Остануваат на ставот дека се неопходни предвремени парламентарни избори.

Вложените напори за заштита на државните и национални интереси вродија со плод. Политичкиот отпор на ВМРО-ДПМНЕ и 80 дневните најмасовни протести на стотици илјади граѓани, резултираа со неоходните гаранции дека нема да се наруши унитарниот карактер на државата, рече на прес-конференција Никола Тодоров, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ. Огромен придонес во тоа, како што посочија од ВМРО-ДПМНЕ, даде и претседателот Иванов кој принципиелно се бореше да обезбеди сигурност, дека иднината на земјата нема да се крои врз основа на туѓи декларации или платформи.

Доколку Зоран Заев собереше храброст и порано се оградеше од тиранската платформа, Република Македонија не мораше да ги минува и овие месеци во политичка криза. Доколку Зоран Заев порано ги дадеше гаранциите кои ги побара Претседателот Ѓорге Иванов, досега ќе беа деблокирани сите процеси и ќе имавме локални избори. Денешното добивање на мандатот е само затруен плод на затруеното дрво“, рече Тодоров.

Според ВМРО-ДПМНЕ од денес па натаму, како што велат, СДС и Зоран Заев ја имаат целата одговорност. Тие го контролираат парламентарното мнозинство и од нив зависи формирањето на идната Влада. Како што рече Тодоров, Зоран Заев е првиот мандатар кој потпишува гаранции дека нема да ги наруши највисоките државни и национални интереси. Тие посочија дека на гаранцијата која Заев ја потпиша денеска не се потпишани првите луѓе на партиите на Албанците кои му ја дадоа нивната поддршка.

„ВМРО-ДПМНЕ знае колку тежи зборот на зоран заев.Безброј пати Зев едно зборувал, а друго правел. Безброј пати едно ќе кажел вечерта, а веќе друго кажува следниот ден. Затоа ВМРО-ДПМНЕ будно ќе ја следи неговата работа и нема да дозволи од кави било причини да отстапи од гаранциите кои ги даде“, нагласи Тодоров. 

Во ВМРО-ДПМНЕ остануваат на ставот дека се потребни нови предвремени парламентарни избори на кои ќе се слушне гласот на народот.

 

Игор Панов