Демократите бараат импичмент на Трамп

18.05.2017 10:32

Поранешниот шеф на ФБИ, Роберт Милер ќе ја води истрагата за наводното мешање на Русија во претседателските избори во САД. Американските медиуми објавија дека претседателот Доналд Трамп барал од отпуштениот директор на Федералното истражно биро, Џејмс Коми, да ја запре истрагата против екс- советникот за национална безбедност, генерал Мајкл Флин, што демократите веднаш го искористија за барања за импичмент на претседателот. Конгресот бара детална истрага за овие обвинувања...

Американските демократи коишто никогаш не го прифатија изборот на Доналд Трамп за претседател, ќе бараат импичмент на американскиот претседател по објавувањето на забелешките на отпуштениот директор на ФБИ Џејмс Комни, според кои Трамп барал стопирањето на истрагата за руските врски на екс советникот за национална безбедност генералот Мајкл Флин.

„Гледајте како ме третираат мене во последно време, особено од медиумите. Ниту еден политичар во историјата, и го кажувам ова со голема увереност, не бил третиран полошо или понефер“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.

Конгресот побара Комни да ги предаде забелешките што ги правел по секоја средба и телефонски разговор со американскиот претседател и најверојатно ќе го повика да сведочи идната недела. Спикерот на американскиот Конгрес Пол Рајан изјави дека се уште има доверба во американскиот претседател.

„Потребни ни се факти. Очигледно постојат луѓе коишто сакаат да му наштетат на претседателот. Ние имаме обврска да вршиме надзор без разлика на која партија припаѓаме, а тоа значи пред да избрзаме со осуда, да ги разгледаме сите информации. Комитетот за надзор во Конгресот правилно ги побара овие забелешки и сигурно ќе сака да чуе од г-нот Комни зошто ако се случило она што го опишува во нив, не презел акција тогаш. Има многу неодговорени прашања“, изјави Пол Рајанспикер на Конгрес.

Истрагата на ФБИ за руските врски во Белата куќа не е запрена, а истраги спроведуваат и Конгресот и Сенатот. По отпуштањето на директорот на ФБИ, американските медиуми коишто не се наклонети на Трамп го обвинија американскиот претседател дека соопштил класифицирани информации на рускиот министер за надворешни работи Лавров за време на неговата посета на Белата куќа, а потоа и дека барал лојалност од екс директорот на ФБИ и да ја запре истрагата против генералот Флин.

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека ќе наименува нов директор на ФБИ пред неговата прва посета во странство.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ