Заев преговара, Груевски предупредува

18.05.2017 16:39

Спикерот Џафери испратил известување до пратениците дека претседателот на СДСМ го има мандатот за формирање влада. Заев на разговори со претставници на партиите од мнозинството. Груевски порача- гаранцијата е потпишана под принуда, остануваме будни...

Собранискиот спикер Талат Џафери до пратениците испратил известување дека претседателот на СДСМ, Зоран Заев го има мандатот за формирање Влада. Се одржуваат или се договараат партиските средби за формирање на новата влада.

Во ДУИ за викендот се очекува состанок на тесното партиско раководство кое ќе ги разгледува сите можносости околу учеството во новата Влада, особено по најавената средба меѓу Заев и Ахмети, утре в петок.

Заев веќе се сретна со лидерот на БЕСА, Касами коиј изјави дека неговата партија нема да учествува во Влада во која има луѓе кои се под истрага од СЈО.

Социјал демократите не очекуваат никакви сопки и опструкции од албанскиот блок партии, преку кои го добија мнозинството во Парламентот. 

Во ВМРО- ДПМНЕ велат дека сега целата одговорност е кај Заев кој јавно се обврзал дека ја отфрла Тиранската платформа и дека ќе престане со антидржавната и антинационална политика. Но, постапките ќе ги следат за да не биде загрозена земјата- пишува во дописот од ВМРО-ДПМНЕ.

„Зоран Заев македонската јавност многу добро го познава. Знаеме дека предпладне знае да каже едно, а попладне друго. Треба да останеме будни, со отворени очи, и доколку измрда или тргне кон друг пат, различен од оној за кој што вчера даде гаранции и ветувања, ВМРО-ДПМНЕ ќе реагира согласно демократските можности и ќе се спротивстави“, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Груевски оцени дека сѐ што се случуваше во изминатиов период можеше да се избегне ако Заев, иако ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите, преку разни комбинаторики и ветувања за остварување на Тиранската платформа, не ја доведеше земјата и народот во сегашната ситуација.

Миле Ристески