Дождот задоцни, ќе има штети од сушата
Новите врнежи од дожд ќе ја ублажат лошата состојбата со есенските посеви. Недостигот на влага во почвата кај пченицата и кај јачменот однесе дел од родот. За поголемите комбинати проценките се подобри, но на површините кај индивидуалните земјоделци штетите се веќе видливи.

Новите врнежи за време на викендот и на почетокот на неделава, можат да ја подобрат состојбата кај јачменот кој се наоѓа во фаза на создавање на зрното, кога потребите од вода се многу големи.
Поради сушата ни последниот влажен бран драстично не ја промени состојбата со житните култури кои се наоѓаат во најнезавидна положба. Недостигот на вода ќе резултира со помали приноси и заради неразвиените ниски стебла проблеми за механизација при собирањето на посевот.
Недостатокот на влага во почвата се забележува и на самите растенија. Врнежите од 10 литри на квадратен метар не го решија проблемот, туку само локално го ублажија. Исклучок е Кумановскиот регион каде наврнаа повеќе од 20 литри.
Во овој регион, според Управата за Хидрометеоролошки работи, на 16 мај имаше пороен дожд со град во размери на природна непогода по што Министерството за земјоделство се очекува да ги повика земјоделците да доставуваат барања за обештетување.
Методија Трајков
