Поднесена кривична пријава за напад врз лидерот на СДСМ во Собранието

22.05.2017 14:04

Пријавата е поднесена против лицето Ј.Ч. (28) од Прилеп.

До Основно јавно обвинителство Скопје е доставена уште една кривична пријава, поради постоење основи на сомневање за извршено кривично дело, учество во толпа што ќе изврши кривично дело, соопштуваат од Министерството за внатрешни работи.

Пријавата е поднесена против лицето Ј.Ч. (28) од Прилеп. Како што соопшти МВР, пријавениот на 27 април 2017 година околу 19 часот на ул. „11 ти Октомври“, откако со употреба на физичка сила насилно влегол во Собранието на Република Македонија, се упатил во прес салата 3 каде било обезбедувањето на претседателот на СДСМ по што почнал да го турка и влече. Истиот, во еден момент успеал да се приближи до претседателот на СДСМ кого физички го нападнал удирајќи го со нога во пределот на стомакот.

Од страна на Единицата за насилен криминал обезбеден е видео запис со дејствијата кои ги презема и изготвен е фото албум.

Велат дека СВР- Скопје во консултација и соработка со Основното јавно обвинителство, и натаму преземаат мерки и активности за настаните во Собранието и обезбедување на преостанатите кривично пријавени лица, како и за идентификација и документирање на други лица учесници во настаните.