СЈО отвори три нови истраги, побара продолжување на мандатот
„Талир“, „Траекторија“ и „Тревник“- СЈО објави три нови финансиски истраги, од кои две се за незаконитости во постапка на градење. Специјалната обвинителка Јанева побара од новото парламентарно мнозинство продолжување на мандатот.

„Талир“, „Траекторија“ и „Тревник“- три нови истраги објави денеска СЈО. Според специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, станува збор за финансиски истраги, две се за незаконитости во постапка на градење.
Јанева побара од новото парламентарно мнозинство, продолжување на мандатот. Рече дека 55 проценти од прислушуваните разговори кои ги поседуваат, сега не се разгледуваат и дека работат на случаи отворени врз основа на веќе обработените податоци.
Како што информира обвинителката Фатиме Фетаи, истрагата „Тревник“ опфаќа основано сомнение за кривично- правни дејствија на три лица за изградба на три викенд- куќи во општина Зелениково без да имаат право на ваква градба, односно градење без одобрение за градење.
Според прибавените докази, укажа Фетаи, меѓу кои и сателитски снимки, вештачење, како и останата документација, овие три викенд- куќи биле започнати со градење во 2011 година, а одобрение за нивно градење од општината е добиено во 2013 година кога веќе биле и завршени.
Истрагата „Траекторија“, пак, е отворена против четири службени лица поранешни високи владини функционери, осомничени за кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластувања од член 353 став 5 во врска став 1 од Кривичниот законик“.
Според Фетаи, постои основано сомнение дека четворицата поранешни владини функционери во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатните делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Нанеле, наведе Фетаи, штета на Буџетот на Република Македонија во износ од најмалку 155.117.172 евра и за истиот износ на компанијата изведувач и овозможиле да се стекне со имотна корист.
Од доказите кои беа обезбедени во досегашниот тек на постапката произлегува основано сомнение дека четирите службени лица во постапката за избор на компанија изведувач покрај тоа што ја одбегнале примената на Законот за јавните набавки, постапиле спротивно и на условите поставени од кинеската Влада и од страна на кинеската Ексим банка како заемодавач. Имено, иако според претходно дефинираните услови, осомнитечите изборот на изведувач требало да го направат според домашното законодавство, а откако проектната документација ќе ја достават на компании во Кина кои се наоѓале на листата на кинески компании квалификувани за такви проекти, тоа не го сториле и документацијата ја доставиле само до две кинески компании, рече Фетаи.
Постои основано сомнение, појасни, оти во јануари 2013 година тројцата осомничени поттикнати од првоосомничениот иако биле доставени две понуди, преговорите ги воделе само со една компанија. Иако во текот на преговарањето со првата компанија, втората компанија која воопшто не ни била повикана на преговори, доставила дополнителна пониска понуда, според Фетаи, ваквата понуда не ја евидентирале никаде и ја сокриле по што парафирале усогласен текст на договорот за изведба на автопатните делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид со компанијата која имала повисока понуда.
„Талир“ е третиот предмет, во кој, како што рече обвинителката Фатиме Фетаи, станува збор за незаконско финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, а се осомничени вкупно 14 лица. Фетаи појасни дека првоосомничен за злоупотреба на службена положба и овластување е претседател на партијата кој од 2009 до крајот на 2015 година овозможил финансирање на партијата спротивно на законските одредби. Посочи дека прифатил незаконски средства за финансирање на политичката партија, наместо, тие како што е предвидено во законот, да ги врати на лицата од кои потекнуваат или да ги уплати во буџетот на РМ кои понатаму ќе се користат за хуманитарни цели.
Како што наведе, била формирана група на лица која се занимава со перење пари и заедно со другите лица овозможиле средствата што потекнуваат од кривично дело преку месните организации на политичката партија да бидат внесени во жиро сметката на партијата. Внесувањето на средствата било извршено преку готовински уплати при што во уплатниците биле внесувани неточни податоци и преку злоупотреба на личните податоци на членството биле вршени уплати на незаконски стекнатите парични средства. Во периодот од 2009 до крајот на 2015 година преку готовински уплати на жиро сметката на партијата внесени се 301.531.662 денари или речиси 4 милиони и 900 евра. Според неа, постои сомнение дека парите биле користени за намирување на обврски на партијата како и маркетинг, услуги за истражување јавни мислења, хотелски, ресторански, кетеринг услуги, како и за купување на недвижен имот.
Фетаи истакна дека од 2009 до крајот на 2015 година биле склучени 71 договор за купопродажба на недвижен имот кој потоа е платен од незаконски стекнатите парични средства, а кој не бил во функција на остварување на целите и активностите на партијата. Како што рече, вкупно 11 лица се сомничат дека сториле кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело од Кривичниот законик од кои девет се осомничени како директни извршители, а двајца како помагачи.
Фетаи наведе дека според доказниот материјал ова не бил единствениот начин на незаконско финансирање на политичката партија, туку како што наведе и преку потпишаниот договор за со-инвеститорство со „Бетон“ од Скопје.
Според договорот вкупните вложување на партијата имале вредност од 76.445.600 денари, додека на Бетон 556.041.640 денари, од кои 424.733.242 денари била вредноста на изградениот објект. На сметката на политичката партија биле уплатени 131.308.398 денари на име регулирање на меѓусебните права и обврски кои произлегуваат од договорот.
Постои основано сомнение дека несразмерот на правата и обврските всушност претставува донација на Бетон кон ВМРО-ДПМНЕ со оглед на фактот дека Бетон во тоа време вршел и услуги по пат на договори за јавни набавки не можел да биде донатор, рече Фетаи. Во овој случај се сомничат две лица во својство на директни извршители и 3 како помагачи.
СЈО во моменов не бара притвор за осомничените, туку ќе достави 12 барања за замрзнување имот кој е незаконски стекнат.
Специјалното јавно обвинителство досега покрена истраги за случаите „Тортура“, „Титаник“, „Транспортер“, „ТНТ“, „Тврдина“, „Трезор“ „Топлик“, „Тендери“, „Таргет“, „Труст“, „Тифани“ „Тенк“, „Триста“, „Табла“ и „Тотал“.
