Расте бројот на заболени од рак на кожа

22.05.2017 17:12

Се зголемува бројот на луѓе со рак на кожа- предупредуваат лекарите. Апелираат, граѓаните најмалку еднаш годишно да прават прегледи. Се препорачува, кожата да се заштити при изложеност на сонце. Од Клиниката за онкологија велат дека се внимава да има лекови за пациентите.

Најсмртоносниот рак на кожата – меланом е во постојан пораст. Годишно се евидентираат и по 200-те нови случаи, кај 30-тина од нив болеста се открива во напредна фаза. Кожните лекари, советуваат дека е потребно барем еднаш годишно да се оди на дерматолог и да се направи контрола на кожата, но и навреме да се заштити кожата од ултравиолетовите зраци.

„За жал кога меланомот во фаза на т.н. вертикален раст се случува имуниот систем сам да го победи примарното жариште, а да даде метастази. Не е едноставна неговата дијагностика. Кога има лезија на видлив дел на кожата е полесно, но има случаи кои отскокнуваат од тој принцип“, изјави д-р Милан Ристески, директор на Клиниката за онкологија.

„Прекумерното изложување на ултравиолетовите зраци, со појава на изгореници во детството и во адолесцентниот период е ризичен период во животот на една индивидуа, затоа апелираме до семејствата, до училиштата да внимаваат. Секако, треба да се внимава и со одењето на солариум“, изјави д-р Зорица Зафировиќ, Клиника за кожни и венерични болести.

Проблем за болните од меланом се и новите терапии кои од лани се достапни за пациентите. Но, поради проблем со набавките, минатата недела пациентите ќе останеле без овие лекови.

„Минатата недела се соочивме со проблем каде што пациентите со меланом ќе останеа без лекови. Тоа ќе беше навистина страшно затоа што кога ќе се започне со една терапија, истата таа терапија треба да продолжи да се прима. Кога пациентите ќе се остават без терапија тоа значи дека се оставаат да умрат. Тоа не смее да се дозволи терапијата мора да биде достапна за сите“, изјави Весна Алексовска, претседател на Националната алијанса за ретки болести.

„Среќни сме што ќе можеме ова прашање да го подигнеме на многу повисоко ниво. „Борка“ заедно со Алијансата на пациентски организации уште минатата година поттикна создавање посебен фонд за терапии кои ќе бидат достапни на пациентите со малигни заболувања“, изјави Биба Додева, претседател на здружението за борба против рак „Борка“.

Меланомот е водечка причина за смрт од сите карциноми на кожата. Последните три дена од месецов, преку бесплатни прегледи во дерматолошките ординации низ земјава ќе се подигнува свесноста на граѓаните за оваа болест. 

 

Андријана Атанасовска