Продолжи седницата за прислушуваните материјали
Врховниот суд ја одложи на неопределено време расправата по прашањето за тоа дали прислушуваните разговори може да се употребуваат како докази иако стекнати на незаконит начин. Ова беше трето продолжение на општата седница на Врховен на кое учествуваше и поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права, Мирјана Лазарова- Трајковска.

Пренесувајќи им ги искуствата од европската пракса на колегите од Врховен суд, поранешната судијка во судот во Стразбур, Мирјана Лазарова Трајковска им предочила дека прислушуваните разговори може да служат како доказ во судските постапки. Таа им советувала јавниот, а не приватниот интерес да им биде водилка кога одлучуваат во постапките што ги води Специјалното јавно обвинителство.
Лазарова- Трајковска вели дека Врховниот суд не треба да донесува генерална одлука по ова прашање бидејќи тоа може да го прави само законодавецот. Освен европската пракса, потсетува дека вакви незаконски создадени, но законски прибавени докази веќе се користени како доказ и во нашите судови, во Апелацискиот суд на пример.
Врховниот суд преку соопштение информираше дека расправата се одложува на неопределено време. Минатата недела претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски на средба со новинарите рече дека смета оти нелегално прислушуваните разговори не може да се користат како доказ, туку само како индиција за постоење кривично дело. Според него СЈО треба да ги анализира разговорите и да обезбеди конкретни докази за потоа да може да ги обвини прислушуваните лица за кривично дело.
Фиљана Кока
