Трамп: Mожен е мир на Блискиот Исток
„Пред нас е ретка можност за мир меѓу Израелците и Палестинците“- изјави американскиот претседател кој е во посета на Тел Авив. Доналд Трамп смета дека може да се воспостави стабилност, мир и безбедност на Блискиот исток. Најави личен ангажман за постигнување на оваа цел.

Американскиот претседател Доналд Трамп од Ријад денеска допатува во Израел, што е втора станица на првото патување во странство откако беше избран за претседател. Во Ерусалим се сретна со претседателот на Израел, Рувен Ривлин и со премиерот Бенјамин Нетанјаху, а ќе ја посети и црквата на Светиот гроб и Ѕидот на плачот со што ќе стане првиот активен претседател на САД што го сторил тоа.
„Имате одлична можност сега. Има можност за мир низ Блискиот исток и мислам дека на луѓето им е доста од сѐ. Изморени се од крвопролевање, од убивање и мислам дека ќе почнеме да гледаме како се случуваат одредени нешта. Очекуваме да се случат интересни разговори“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.
„Се молиме за мир и се залагаме за мир во последните сто години“, изјави Реувен Ривлин, претседател на Израел.
Во вторник во Витлеем, на окупираниот Западен брег ќе се сретне со палестинскиот претседател Махмуд Абас, по што ќе го посети и меморијалниот центар Јад Вашам во Ерусалим. Трамп ќе одржи говор во Музејот на Израел, при што се очекува да зборува за можноста за обнова на Блискоисточниот мировен процес.
Вчера Трамп во Ријад одржа говор за обединување во борбата против тероризмот. Непосредно по пристигнувањето на меѓународниот аеродром Бен Гурион крај Тел Авив, каде што го пречекаа Ривлин и Нетанјаху, американскиот претседател ја потврди нераскинливата врска меѓу Израел и САД. Упати апел до израелските лидери да соработуваат со него за постигнување безбедност и стабилност во регионот со цел да се постигне мир, оценувајќи дека постои ретка можност за тоа. Нетанјаху, пак, ја нарече посетата на американскиот претседател историска. Во однос на безбедноста, Нетанјаху рече дека Израл им пружа рака на сите свои соседи, вклучително и на Палестинците.
Инаку, непосредно пред пристигнувањето на американскиот претседател во Израел, автомобил влета во група пешаци во центарот на престолнината Тел Авив, повредувајќи притоа најмалку пет луѓе. Според првичните извештаи, полицијата не се сомнева на терористички напад, а инцидентот е окарактеризиран како сообраќајна несреќа.
Марина Автовска
