68 години од основањето на УКИМ

22.05.2017 18:23

Со молебен и дебата одбележана 68- годишнината од основањето на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Ректорот тврди дека ја поврзуваат науката со стопанството. Отворено и прашањето за објавување трудови во влијателни списанија.

Научно- истражувачката дејност претставува главен белег и развоен фактор, не само за универзитетот, туку и за општеството во целина истакна ректорот на УКИМ, Јанкуловски, на научната дебата на тема „Импакт-фактор: да или не?“.  

Проректорот за наука проф. д-р Петрушевски, пак, додаде дека ваквите списанија се најпрестижни. Појасни дека дебатата е за тоа како наставниците на универзитетот гледаат на објавувањето трудови во угледни списанија.

Според проф. д-р Мирјана Кочова од Медицинскиот факултет во Скопје импакт- факторот води кон меѓународна препознатливост.

Во универзитетскиот кампус во Скопје се одржа молебен посветен на светите браќа Кирил и Методиј со кој чиноначалствуваше архиепископот охридски и македонски Г.Г. Стефан.

Делегации од факултетите и институтите на УКИМ положија цвеќиња пред споменикот. За одбележување на денот и Свечена академија во Македонската опера и балет.

Ана Јосифоска- Тодоровска