САД: Воениот буџет проектиран на 640 милијарди долари
Предлог буџетот на американскиот претседател Доналд Трамп што неделава ќе се гласа во Конгресот предвидува 640 милијарди долари за воени цели, што не е доволно за воените операции во странство. Затоа американскиот претседател Доналд Трамп со продажба на оружје на сојузниците се обидува да го намали товарот врз американските воени сили.
Американските воени сили непрекинато учествуваат во операции во странство во последниве 16 години, што предизвика поголем притисок врз вооружените сили поради намалениот воен буџет. Американскиот претседател Доналд Трамп го зголеми за 54 милијарди воениот буџет, но тоа се уште е недоволно за модернизација, обука и зголемување на воените сили. Новата администрација во Белата куќа со продажба на оружје на сојузниците планира да ги намали трошоците за операциите во странство.
„Се соочуваме со свет со најширок опсег на комплексни предизвици досега. Свет во кој технологијата оди напред и противниците можат да добијат капацитети многу побрзо од кога било порано. Сето ова бара да бидеме поактивни и затоа реформа на набавките е најважна за да војниците добијат она што им е потребно навреме и најдобро што државата може да го даде“, изјави конгресменот Мек Торнбери, претседател на Комитетот за вооружени сили во Конгресот.
САД склучија договор за продажба на антиракетни системи и друга воена опрема со Саудиска Арабија вредна 110 милијарди долари, а распоредија и антиракетни системи во Јужна Кореја. Арапските држави ќе испратат 35 илјади војници за борба против терористите во Ирак и во Сирија. На средбата во седиштето на НАТО во Брисел, Трамп ќе побара поголемо учество од сојузниците во антитерористичките операции и издвојување на 2 проценти од БДП за воени цели.
Воениот буџет на САД е под 4 проценти од БДП.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
