Во нападот во Манчестер загинаа 22 лица, над 50 се повредени

23.05.2017 11:23

Британската полиција ја третира експлозијата во Mанчестер како можен терористички напад. На концертот на Аријана Гранде загинаа 22 лица. Исламска држава не презеде одговорност, но го поздрави бомбашкиот напад. Британската премиерка Меј и лидерот на опозициската Лабуристичка партија, Корбин ја прекинаа изборната кампања...

Над 20 лица загинаа, а 50-ина се повредени во експлозија за време на концертот на американската пејачка Аријана Гранде во Манчестер. Нападот се третира како можен терористички акт. Според последните информации на полицијата, бомбаш-самоубиец го активирал експлозивот во фоајето на арената. Во тек е истрага за евентуални соучесници. Британскиот премиер Тереза Меј и лидерот на опозициската Лабуристичка партија Џереми Корбин ја прекинаа кампањата за предвремените парламетнрани избори.

„Ова е вараврски чин врз најранливата категорија на нашето општество, младите луѓе, децата кои присуствуваа на поп концерт. Сочувство до семејствата на жртвите. Граѓаните треба да бидат внимателни, но не и исплашени. Големиот Манчестер и порано бил цел на терористите, но душата на градот не им се покори. Нивната цел е да сеат страв и да не поделат. Но нема да успеат“, изјави Амбер Рад, министерка за внатрешни работи.

Иако Исламска држава официјално не презеде одговорност, џихадистите се огласија на социјалните мрежи. На Твитер напишаа: Изгледа бомбите на британската Авијација врз децата на Мосул и Рака тукушто се вратија и паднаа во Манчестер.“

На Твитер се огласи и Гранде која им изрази сочувство на семејствата на загинатите. 

Сведоците велат дека слушнале и пукотници.

„Одевме кон погрешен излез, па тргнавме во друг правец. Тогаш слушнавме експлозија, почнавме да трчаме. Сите врескаа, плачеа, настана општ хаос.“

„Кога слушнавме за нападот, тргнавме кон Манчестер и им помагавме на сите кои немаа како да се вратат дома.

На концертот на Аријана Гранде имало 20.000 луѓе. Арената на Манчестер, отворена од 1995-та година, е најголемата затворена арена во Европа којашто освен за спортски настани се користи и за концерти.

 

Маја Филдишев