ИД презеде одговорност за нападот во Манчестер
Исламска држава презеде одговорност за експлозијата во Арената на Манчестер. По концертот на Аријана Гранде загинаа 22 лица. Британската премиерка Меј и лидерот на опозициската Лабуристичка партија, Корбин ја прекинаа изборната кампања...

Исламска држава официјално презеде одговорност за нападот во Арената на Манчестер во кој загинаа над 20 лица, а 60-тина беа повредени. Освен што најавуваат нови инциденти, на Твитер напишаа: „Изгледа бомбите на британската Авијација врз децата на Мосул и Рака се вратија кај вас“.
Според полициските извори, бомбаш-самоубиец активирал експлозив по концертот на американската пејачка Аријана Гранде. Во тек е истрага за евентуални соучесници. Британскиот премиер Тереза Меј и лидерот на опозициската Лабуристичка партија Џереми Корбин ја прекинаа кампањата за предвремените парламетнрани избори.
„Сега сме сигурни дека народот на Манчестер и на нашата земја беа повторно цел на суров терористички напад. Меѓу загинатите и повредените има многу деца и млади луѓе. Не можеме да разбереме што се случува во болните умови на оние кои наместо да ги почитуваат децата, во нив гледаат предмет за убиство. Безбедносните служби веруваат дека го знаат идентитетот на напаѓачот, но не го потврдија“, изјави премиерката Тереза Меј.
„Ова е вараврски чин врз најранливата категорија на нашето општество, младите луѓе, децата кои присуствуваа на поп концерт. Сочувство до семејствата на жртвите. Граѓаните треба да бидат внимателни, но не и исплашени. Големиот Манчестер и порано бил цел на терористите, но душата на градот не им се покори. Нивната цел е да сеат страв и да не поделат. Но нема да успеат“, рече Амбер Рад, министерка за внатрешни работи.
„Манчестер е во шок, тага и бес. Нападнати беа нашите деца, младите луѓе и нивните семејства. Ова е чин извршен од злоба. Сакам да им се заблагодарам на сите коишто ги отворија своите порти за да им помогнат на луѓето. Нивната солидарност е најдобриот одговор кон оние кои сакаат да не поделат и да го уништат духот на Манчестер“, изјави Енди Барнем, градоначалник на Манчестер.
Сведоците велат дека слушнале и пукотници.
„Одевме кон погрешен излез, па тргнавме во друг правец. Тогаш слушнавме експлозија, почнавме да трчаме. Сите врескаа, плачеа, настана општ хаос.“
„Кога слушнавме за нападот, тргнавме кон Манчестер и им помагавме на сите кои немаа како да се вратат дома.“
На концертот на Аријана Гранде имало 20.000 луѓе. Арената на Манчестер, отворена од 1995-та година, е најголемата затворена арена во Европа којашто освен за спортски настани се користи и за концерти.
Маја Филдишев
