Светот во шок по терористичкиот напад во Манчестер
Германската канцеларка Меркел изјави дека e тажна и ужасната поради смртта на 22 лица и дека „Германија стои рамо до рамо со Британците“. Американскиот претседател Трамп најстрого го осуди нападот и рече дека општеството не смее да има толеранција на ваквите крвопролевања.

По терористичкиот напад што синоќа се случи во англискиот град Манчестер претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер изјави дека е шокиран од грозоморниот чин и порача дека овој акт на тероризам го скршил неговото срце. Германската канцеларка Меркел изјави дека e тажна и ужасната поради смртта на 22 лица и дека „Германија стои рамо до рамо со Британците“. Американскиот претседател Трамп најстрого го осуди нападот и рече дека општеството не смее да има толеранција на ваквите крвопролевања.
„Многу млади прекрасни деца, кои ужуваа во животот беа убиени од тие зли губитници. Нема да ги наречам чудовишта, бидејќи би им се допаднало тоа, туку отсега ќе ги нарекувам губитници, бидејќи тоа и се. Запаметете го тоа“- изјави Трамп.
Францускиот претседател Емануел Макрон телефонски разговарал со британската премиерка Тереза Меј и изразил сочувство и солидарност со Велика Британија. Во официјалното соопштение од париз се вели дека претседателот ќе продолжи заедно со владата и со британските сили да се бори против тероризмот.
Австралискиот премиер Малком Турнбул нападот во Манчестер го оцени како брутален напад врз млади луѓе. Рече дека инцидентот е подло, криминално, страшно дело бидејќи изгледа дека било насочено кон тинејџери. Турнбул во Австралискиот парламент рече дека ова е напад врз невини, и дека не постои понавредлив напад од убиство на деца.
Портпаролот на јапонската влада Јошида Суга го осуди нападот и им изрази сочуство на семејствата на жртвите. Додаде дека доколку нападот се смета за терористички чин, тој не може да биде оправдан на ниту еден начин и дека Јапонија најостро го осудува, како и дека се солидаризира со народот на велика британија.
Сочувство до семејствата на загинатите изразија и фудбалските клубови Манчестер Јунајтед и Манчестер Сити. На официјалниот Твитер профил на Манчестер Јунајтед стои дека се шокирани од ужасните случувања и дека нивните мисли и молитви се со оние кои биле погодени од несреќа.
Марина Автовска
