Казни за Скопска и Прилепска пиварница
Од Комисијата за заштита на конкуренцијата велат дека компаниите ги ограничувале дистрибутерите во одредување на продажната цена.

Комисијата за заштита на конкуренцијата им изрече глоби од 5,8 милиони евра на Скопска пивара и од 2,7 милиони евра на Прилепска пиварница.
Од Комисијата велат дека компаниите ги ограничувале дистрибутерите во одредување на продажната цена. Според соопштението оттаму, Пивара Скопје склучувала договори за продажба и дистрибуција на нејзините производи со независните дистрибутери, во кои се содржеле ограничувачки одредби за одредување на продажната цена.
Кај Прилепска пиварница, пак, договорите со овластените дистрибутери содржеле обврски за неконкурирање, како и одредби со кои се наметнувала по која цена ќе ги продава производите.
Од Пивара Скопје се огласија со соопштение, велат оти се разочарани од одлуката, сметаат дека не биле земени предвид нивните аргументи, па е изречена неразумно висока казна. Тврдат дека ги почитуваат правилата на конкуренцијата.
Реакција и од Прилепска пиварница. Тврдат- во ниту еден момент од нашата долгогодишна соработка, и ни во еден аспект од нашата работа не е ограничена конкуренција, ниту пак е нарушен балансот на пазарната економија.
