Во 2016-та 439 македонски државјани останале илегално во САД
Најновиот извештај на Департментот за домашна безбедност покажува дека САД имаат проблем со големиот број на странци коишто остануваат во земјата по истекувањето на визата. Во 2016-та година најмногу посетители од Канада и Мексико останале илегално во САД. 439 македонски државјани коишто пристигнале во САД со виза останале во Америка по истекувањето на визата.

Минатата година, 439 македонски државјани останале илегално во САД по истекувањето на визата. Најмногу од нив пристигнале легално во Америка со студентски визи 208, 188 со туристички визи и 43 со визи од друг тип. Според најновиот извештај на Департментот за домашна безбедност лани по истекувањето на визата во САД останале 739.478 странци. Најмногу од Канада, Мексико, Венецуела и Обединетото Кралство. Од балканските држави, најмногу Грци илегално по истекувањето на визата останале во САД, вкупно 1.847. Следува Србија со 1.469, Бугарија 1.019, Албанија 544, Македонија 439, БиХ 351, Хрватска 336, Црна Гора 334 и Словенија 250. Странските државјани коишто останале илегално во САД нема да бидат први за депортирање, вели секретарот на Департментот за домашна безбедност Џон Кели.
„Силите за имиграција и царина дејствуваат внатре во земјата против илегални имигранти. Ако сте наоѓате во САД илегално, тоа не значи дека ќе бидете депортирани, гледаме и други аспекти. Најмногу работиме на депортирање на криминалци со повеќекратни осудувања“, изјави Џон Кели. секретар на Департментот за домашна безбедност.
Според податоците на Департментот за домашна безбедност, од 54 милиони странски државјани коишто влегле во САД со важечки визи во 2016-та, 98,5 проценти од нив навреме заминале од земјата. Некои странци за кратко по истекувањето на визата заминале од САД, но повеќето од нив останале подолго. По крајот на 2016-та, 630 илјади од нив останале илегално во Америка.
Најголеми прекршители на визниот режим се студенти. Пет проценти од странците коишто добиле студентски визи илегално останале во САД по истекувањето на визата.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
