Отворен Малиот битолски Монмартр
Со отворањето на 35-тата светска детска ликовна изложба синоќа во седиштето на Малиот битолски Монмартр беше означен и почетокот на 36-тиот по ред светски детски ликовен самит. За прв пат ќе учествуваат деца и од Израел. На нашите ликовни амбасадори ќе им се приклучат околу стотина деца од 14 земји во светот. Од претпладнево започнува и работниот дел на ликовната колонија.

Започна уште едно светско детско ликовно доживување. Воведот традиционален со отворање на светската изложба. На 35-тата по ред беа поместени најквалитетните околу 800-тини ликовни дела од пристигнатите над 10.000 цртежи од минатогодишниот конкурс. Вниманието свртено кон делегацијата од училиштето „Спишка Бела“ од Словачка. За нивните колекции, веќе трета година по ред ја добиваат престижната Гран при награда.
„Колекцијата се содржи од цртежи инспирирани од теми што децата ги сакаат. Навистина не очекувавме дека нашата колекција повторно ќе добие Гран при. Многу значи за нас зошто доаѓаме од мало место во Словачка, а ете Битолскиот Монмартр ни овозможи за него да слушне целиот свет“, вели Клара Федерова, член на екипата од Словачка.
Во изминатите три ипол децении младите ликовни дејци создадоа близу 600.000 дела. Ликовно богатство за чиј квалитет и квантитет и ентузијазам со задоволство зборуваат и возрасните
„Ова е настан со планетарно значење. Во изминатите три и пол децении децата насликаа дела кои се уникатен музеј на детската ликовна фантазија во светски размери“, вели едн возрасен битолчанец.
„Манифестација која растеше од година во година заедно со децата од светот што тука доаѓаат. Ова е голем настан за Македонија, за Битола“, вели негов сограѓанин.
Манифестација која се афирмираше под палката на ликовниот педагог Коста Хаџиантоновски. И денеска, на 82- годишна возраст и кревко здравје живее за и со децата и неговата универзална порака.
„Деца од сите краишта на светот сакајте се. Дали ние ги сакаме децата? Јас не можам без нив. Пресреќен сум кога ќе ми речат чичко Коста многу те сакаме, ти многу направи за нас сите деца од светот“, емотивно вели раководителот на Битолското детско студио, Коста Хаџиантоновски.
Претпладнево започна работниот дел. Меѓу стотината деца од 14 земји, за прв пат учествуваат и деца од Израел. На тема стара архитектура во Битола, Охрид и Вевчани ќе творат до 30-ти мај, по што фестивалот со доделување на соодветните награди ќе биде свечено затворен.
Стевче Митревски
