Манчестер на нозе, очекува нов напад
Британската премиерка Тереза Меј објави дека, по нападот е зголемено нивото на закана во земјата на критично, што значи дека е веројатен нов терористички напад, поради што на јавни настани ќе бидат распоредени вооружени војници, кои ќе и помагаат на полицијата.

Британската полиција соопшти дека уапсила три лица, во рамки на широката истрага што е покрената по терористичкиот напад во манчестер во кој загинаа 22 лица, а ранети беа 119. Апсењето било извршено во јужниот дел на градот, каде што живеел бомбашот-самоубиец заедно со семејството. Министерката за внатрешни работи Амбер Рад изјави дека многу е веројатно оти тој не дејствувал сам, со оглед на тоа дека нападот бил изведен многу пософистицирано отколку што првично се мислело.
Британската премиерка Тереза Меј објави дека, по нападот е зголемено нивото на закана во земјата на критично, што значи дека е веројатен нов терористички напад, поради што на јавни настани ќе бидат распоредени вооружени војници, кои ќе и помагаат на полицијата.
„Во наредните денови секако дека ќе има многу манифестации што ќе се одржуваат низ целата земја. Полицијата ќе соработува со организаторите за да се осигура безбедноста на луѓето што ќе присуствуваат на нив“, нагласи Меј.
Главниот осомничен за самоубиствениот напад во Манчестер е идентификуван како Салман Абеди, 22-годишен студент кој со омраза гледал кон умерен имам во градот, кој ја проповедал светоста на животот и ја криткувал Исламска држава. Тој од порано и бил познат на полицијата, чиј главен приоритет сега е да утврди дали тој дејствувал сам или како дел од мрежа.
Според информациите, Абеди бил член на „мошне религиозно семејство“. Тој се поврзал со криминални групи и во изминатите години се преобратил кон радикалниот ислам. Родителите на Абеди добиле азил во Велика Британија, откако избегале од режимот на поранешниот либиски лидер Моамер Гадафи. Семејството има шест членови, Ссалман има двајца браќа и сестра. Тие живеат во Манчестер повеќе од десет години.
Марина Автовска
