Нема конкретни понуди за трет мобилен оператор во Mакедонија

24.05.2017 16:25

Анализата на електронскиот пазар, управувањето со интернетот, предизвиците на широкопојасниот интернет, воведувањето на 5G мрежа се само дел од темите на кои ќе се расправа на меѓународната регулаторна конференција што денеска започна во Oхрид. Во рамките на собирот претставниците на регулаторните тела од земјите во регионот ќе ги презентираат своите модели и искуства во областа на електронските комуникации. Иако има интерес, засега нема конкретни понуди за воведување трет мобилен оператор во Mакедонија…

Агенцијата за електронски комуникации на Република Македонија направи сѐ што е потребно за да се обезбеди влез на трет мобилен оператор, со што ќе се зголеми конкуренцијата, ќе се намалат цените, а во истовреме ќе биде подобрен квалитетот на услугите. Ослободен е фреквентен простор, изменета е регулативата и сите други предуслови кои се потребни за инвестирање. Интерес има, но засега нема конкретни понуди бидеќи инвеститорите парите сакаат да ги вложуваат во стабилни држави.

„Имавме остварено доста контакти, имаше интерес од некои оператори, не можам да кажам дека сега нема, но можеби целата ситуација во државата придонесе сето тоа да остане на стенд бај. Тоа е огромна инвестиција и мора да ја гледаме таа инвестиција како и сите други инвестиции“, изјави Сашо Димитријоски, директор на АЕК.

Во рамки на собирот се одржува и Конференција за управување со интернетот кај државите од Југоисточна Европа. Иницијативата "SEEDIG" на отворен, инклузивен и транспарентен начин ги собира идеите и поставува проблеми кои ги засегаат електронските комуникации.

„Она што ќе произлезе од дискусиите ќе биде сумирано во пораки кои ќе го креираат ставот на државите од регионот пред надлежните тела на Обединетите нации. Тоа всушност ќе биде официјалната позиција на регионот во однос на електронските комуникации“, рече Сорина Телеану, Комитет на SEEDIG.

На конференцијата посебно ќе се расправа во кои насоки ќе се развива интернетот во иднина, а една од основните теми е 5G, новата најнапредна технологија, која што допрва треба да се воведе.

 

Сашо Нелоски